Списанието „Современост“ е најстаро, континуирано активно македонско списание за литература, култура и уметност.
Веднаш по згаснувањето на првото списание на македонски јазик „Нов Ден“ (формирано во октомври 1945-та година), неговото место го зазема списанието Современост, со големо мнозинство од претходните уредници. Дека тоа е наследник на „Нов ден“ говори и белешката на Редакцијата дека неговите претплатници автоматски стануваат претплатници на „Современост“. Во Соопштението до претплатниците на „Нов ден“, на една од последните страници на Современост стои: „Се известуваат досегашните претплатници на списанието ‘Нов ден’ дека, доколку имаат извршено претплата за 1951 г. таа ќе им биде префрлена на нашата чековна сметка, така што со тоа стануваат претплатници на ‘Современост’. Истовремено ги молиме да ја уплатат на нашата чековна сметка разликата од сумата што ја уплатиле за ‘Нов ден’ – до 210 динари, колку што изнесува претплатата за ‘Современост’ за 1951 год.“. Ова известување сосема добро го илустрира континуитетот кој што Редакцијата на „Современост“ го полага врз списанието. Истовремено, во „Уводникот“ и во „Соопштението до претплатниците на ‘Нов ден’“, меѓу редови можеме да прочитаме и дека списанието ‘Нов ден’ на почетокот не било орган на Друштвото, кое е формирано две години по неговиот прв број, во 1947 година.
Главни и одговорни уредници на „Современост“ биле писателите и публицисти:
1951 – Киро Хаџи Василев
1951-1952 – Владо Малески
1952-53 – Славко Јаневски, Димитар Митрев и Ацо Шопов
1954-1957 – Димитар Митрев
1958 – Александар Ежов
1958-1968 – Димитар Митрев
1969-1982 – Георги Сталев Поповски
1983-2002 – Александар Алексиев
2003-2012 – Васил Тоциновски
2013-2017 – Славчо Ковилоски
2018 – Стефан Марковски
Дел од уредничките тимови на „Современост“ биле македонските писатели и дејци: Коле Чашуле, Васил Иљоски, Гого Ивановски, Гане Тодоровски, Цветко Мартиновски, Ташко Георгиевски, Мето Јовановски, Јован Бошковски, Миодраг Друговац, Томе Момировски, Ристо Аврамовски, Душко Наневски, Георги Старделов, Симон Дракул, Петар Ширилов, Благоја Анастасовски, Томе Саздов, Методи Манев, Виолета Мартиновска, Ранко Младеноски и други.
Актуелната редакција на „Современост“ составена од Стефан Марковски (главен и одговорен уредник), Снежана Стојчевска (извршна уредничка), Мишо Китаноски (уредник), Верица Мукоска (уредничка) и Никола Алтиев (уредник) ја има пред себе целта да го оддржи книжевно-културниот континуитет наследен од минатите редакции, истовремено внесувајќи свежина во содржините каква што умеат да внесат единствено младите и современи македонски автори на 21-от век.
Во насока на остварување на овие напори е и воведувањето на рубриката „Ѕвезди и протези“, каде младите македонски уметници и умешници на пишаниот збор ќе ги сотворат и пренесат своите светови на имагинација.