Историјата на „Современост“ е во тесна врска со остварувањата на некои од стожерните македонски литерати, а денес неговото постоење е симбол на творечкиот континуитет, но и разногласје на современото книжевно-уметничко творештво.
Истовремено, на неговите страници се наоѓаат и бројни книжевни прилози од светски значајни творечки имиња од сите генерации.
Неговото создавање во 1951 година како директен наследник на првото македонско списание за уметност, наука и општествени прашања „Нов ден“. Пред содржинскиот дел во сите броеви од тој период вклучен е и Издавачки совет чии членови биле: Ацо Шопов, Миодраг Друговац, Ташко Ширилов, Јован Котески…
Во овие години, праќањето текстови за вклучување во броевите се вршело со директно доставување во редакција, секој четврток од 10 до 12 часот. Тоа бил периодот кога многумина писатели чиишто имиња ги чествуваме ден денес и до навек, поминувале време во редакциските простории на „Современост“ со кои се поврзуваат и многу книжевни спомени, моменти и дружби што и денес ги раскажуваат оние што се уште тука со нас да споделат за изминатите времиња.
Во однос на начинот на уредување на списанието „Современост“ почнувајќи од 1951 год. сè до денес, може да се заклучи дека е задржана истата структура и во содржинското подредување и во подредувањето на ракописите.
Многу значајни имиња од од југословенските и европските литератури, имале континуирана соработка со редакциските членови на „Современост“, помагајќи на тој начин во унапредувањето и афирмирањето на македонската книжевност во земјата и во странство.